Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денеска ја посетија изложбата на борбени средства, техника и опрема на АРМ поставена во рамки на одбележувањето на 18 август, Денот на АРМ.
Изложбата на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ја посетија голем број на граѓани, а во текот на денот ќе може да ја видат и сите заинтересирани.
Оружје, опрема и техника, борбени и транспортни возила, но и познатите борбени хеликоптери, во склоп на прославата на Денот на Армијата, каде најголема љубопитност покрај возрасните, несекојдневната изложба предизвика и кај децата.
-Ова е дел од активностите што ги организираме по повод Денот на АРМ. Оваа активност има за цел да ги запознае граѓаните со што располага Армијата и се надеваме дека со вакви дружења со граѓаните ќе внесеме уште поголема љубов кон АРМ, потенцираше Јолевски.
-Граѓаните може да ја посетат оваа изложба и да видат дел од борбените средства и опрема со која располага АРМ. При оваа изложба изнесени се одредени борбени средства по одредени родови и служби. Прикажани се средствата од оклопно-механизирани единици, од специјалните единици, од логистиката и сите ќе имаат можност да ги погледнат, истакна Котески.
Армиските кучиња покажаа дека и тие како нивните дресери се професионални војници. Извршуваа наредби и задачи, откриваа експлозив, напаѓаа непријатели.