Легендата на светската музика Боб Дилан ги претстави своите слики посветени на Њу Орлеанс. Изложбата во Милано ќе трае до 10 март годинава.
Серијата слики коишто според италијанската критика потсетуваат на film noir, го прикажува Њу Орлеанс во Луизијана, во периодот на 1940те и 1950те години. Сега 71 годишниот Боб Дилан почнал да слика во 1960те, кога беше на врвот од својата музичка кариера, меѓутоа сериозно се врати на оваа уметност во 1994 година, од кога досега приреди три самостојни изложби.
“Секое дело е дел од поширока историја и секоја слика е на половина пат меѓу сонот и сеќавањата”, истакнува градската управа на Милано во текстот со кој ја промовира изложбата.
Сликите се приказни за љубовта и насилството и зрачат со необична атмосфера, велат критичарите.